Home – SASA lead & zinc mine



Менаџерскиот тим на Рудник САСА донесе одлука за ново зголемување на платите на сите вработени, кое почнува да важи од јануарските плати. Во изминатите две години, ова е четврто зголемување на платите во САСА. Со претходните три покачувања, направени во 2022 и 2023 година, платите во САСА беа зголемени за над 25%.

Со оваа одлука, САСА успеа да го надмине влијанието на растот на цените и животните трошоци врз благосостојбата на своите вработени, коишто беа особено изразени во текот на 2022 и на почетокот на 2023 година.Пресметките покажуваат дека, од влезот на ЦАМЛ во 2017 година до денеска, платите во САСА се зголемија значително, при што просечната плата е над 70% повисока од просечната исплатена нето плата во државава.

Пред донесување на конечната одлука за ново покачување на платите, беа одржани и консултативни состаноци со претставници на репрезентативниот синдикат во САСА, на кои беше презентирана и дискутирана темелната анализа на сите релевантни податоци за работењето на САСА, вклучувајќи ги и податоците за растот на цените и трошоците за живот (инфлацијата).

„И покрај зголемувањето на оперативните трошоци и обемот на инвестиции, како и падот на цените на оловото и цинкот на глобалните пазари, сепак како раководен тим донесовме одлука повторно да ги зголемиме платите на сите вработени. Со ова ја искажуваме нашата почит кон вработените, за нивната досегашна работа и посветеност во остварување на безбедно и одржливо производство и истовремено сакаме дополнително да ги мотивираме да продолжат со добрата работа, да ја зголемиме ефикасноста и продуктивноста, да го зачуваме високото ниво на безбедност и успешно да ја заокружиме реализацијата на капиталните проекти кои треба да обезбедат максимален работен век на САСА и придобивки за сите“, вели генералниот директор на Рудник САСА, Крис Колбурн. 

mk_MK