Поради големиот број ликовни творби кои оваа година се пријавија на конкурсот за детски цртежи поврзани со работењето на рудникот и неговото значење за семејството и заедницата, Рудник САСА одлучи двојно да го зголеми бројот на цртежи кои ќе бидат искористени како новогодишни илустрации.
Конкретно, од вкупно 138 ликовни творби кои беа пријавени на годинешниот ликовен конкурс, наместо 12, колку што беше претходно планирано, направен е избор од 24 цртежи кои ќе бидат искористени како илустрации за календарите на САСА за 2024 година. Како и минатата година, останатите пристигнати цртежи на конкурсот ќе ги красат новогодишните честитки што ќе бидат испратени на вработените, соработниците и партнерите на Рудник САСА.
По оценка на комисијата што го правеше изборот, сите цртежи што пристигнаа на годинешниот ликовен конкурс се навистина прекрасни и на најубав начин прикажуваат како децата го доживуваат рудникот САСА и влијанието од неговото работење врз нивните семејства и заедницата. Од срце им благодариме на сите деца што учествуваа на конкурсот и ги охрабруваме и понатаму да го развиваат својот талент.
Ова е втора година по ред во која Рудник САСА објавува конкурс за ликовни творби од деца на возраст од 5 до 15 години кои живеат на територијата на општина Македонска Каменица, како и од деца на вработените во САСА, а неговата основна цел е да се поттикне креативноста и развојот на талентот кај децата од локалната заедница.