Рудник САСА, четврта година по ред, овојпат преку својата Фондација Рудник САСА, го објавува јавниот повик за учество во ликовниот конкурс за детски цртежи на тема: „Рудникот и градот – низ времето и имагинацијата“.
Клучната новина во годинашниот конкурс е што, наместо да ги испраќаат во САСА, децата цртежите ќе ги изработуваат на креативни работилници, под менторство на локален ликовен уметник – педагог.
На тој начин децата ќе имаат можност полесно да го пронајдат и изразат својот талент и креативност, пренесувајќи ја својата емоционална поврзаност со средината во која растат и нивните сопствени соништа за иднината.

Кој може да учествува?
Сите деца на возраст од 5 до 15 години кои живеат на територијата на општина Македонска Каменица, вклучително и децата на вработените во Рудник САСА на оваа возраст.
Теми и насоки за изработка на цртежите
- Децата се охрабруваат да создаваат цртежи кои се инспирирани од тоа:
- Како рудникот или градот изгледале во минатото;
- Како тие го доживуваат денес; или
- Како го замислуваат во иднината – реалистично или имагинативно.
- Големина на цртежот: A4 формат (техника по избор)
- Опционално: краток опис (1–2 реченици) за идејата на делото.
- Локација: Цртежите ќе се изработуваат во Тренинг центарот до Канцеларијата за односи со заедницата на Рудник САСА во Македонска Каменица, во рамки на организираните работилници со ликовен уметник. Со учество на една од работилниците, детето и неговиот родител/старател автоматски даваат дозвола дека изработениот цртеж може се користи од страна на Фондацијата и Рудник САСА, за промотивни цели и потреби на заедницата.
Временска рамка
- Пријавување за учество: до 5 ноември 2025 (Пријавувањето се врши преку е-пошта на адресата: a.pavlova@sasa.com.mk или преку порака на телефон: 071/334-922. За пријавувањето да биде комплетно потребни се следните информации: име и презиме на дете, возраст, име презиме на родител/старател и телефонски број)
- Ликовни работилници: 8 и 15 ноември 2025 (Максимум 20 учесници на една работилница. Ќе се организираат повеќе сесии во зависност од бројот на пријавени)
- Избор на најдобрите цртежи: до 21 ноември 2025.
- Завршен настан и доделување награди: првата седмица од декември 2025.
Награди
Посебна комисија составена од независни надворешни членови ќе ги избере најдобрите цртежи за кои членовите на комисијата веруваат дека најдобро ја отсликуваат поврзаноста на рудникот со градот и заедницата.
Секој победник ќе биде награден со по 3.000 денари, а сите учесници ќе добијат симболични подароци.
Најуспешните цртежи ќе бидат искористени за Календарот на Рудник САСА за 2026 година и други пригодни изданија.
Македонска Каменица, 31 октомври 2025