Како општествено одговорна компанија, Рудник САСА, секоја година инвестира во одржливиот развој и просперитетот на локалната заедница. Подобрувањето на спортските капацитети и поддршката на локалните спортски клубови се две важни области кои се во фокусот на компанијата.
Во текот на изминатите две години компанијата се фокусираше на инвестирање во нови рударски методи кои ќе обезбедат максимален работен век на рудникот. Оперативните трошоци кои се важни за одржување на безбедно, продуктивно и еколошки одговорно работење на САСА, како и континуирано растечките вложувања за одржување на високиот степен на социјална сигурност и благосостојба на вработените, го зголемија притисокот врз трошоците. И покрај тоа, Рудник САСА одлучи годинава да издвои значителни средства за поддршка на континуираниот развој на локалните спортски клубови во Македонска Каменица.
Во согласност со планот за поддршка на заедницата за 2024 година на САСА и групацијата ЦАМЛ, на машките и женските клубови за фудбал и кошарка во Македонска Каменица оваа година ќе им биде доделена слична финансиска поддршка на онаа што беше доделена во 2023 година, што беше рекордна година според доделената поддршка од САСА за клубовите, почнувајќи од рестартирањето на рудникот во 2006 година до денеска. Покрај во спортот, фондацијата САСА секоја година инвестира во поддршка на локалната заедница, во области како што се: образованието, науката, заштитата на животната средина, здравствената заштита и ранливите социјални групи.
Приближно половината од спомената финансиска поддршка за локалните машки и женски клубови во фудбал и кошарка е наменета за развој на младинските категории, со што Рудник САСА сака да овозможи што поголем број деца и млади од локалната заедница да се вклучат во спортски активности и да го препознаат и развијат својот талент.
Податоците покажуваат дека откако САСА се приклучи кон групацијата ЦАМЛ, во ноември 2017 година, вложувањата во развојот на локалните спортски клубови повеќекратно се зголемени во споредба со периодот пред 2017-та.
Со цел да се гарантира транспарентноста на овој процес, претставници на раководниот тим на Рудник САСА одржаа заеднички состанок со претставниците на локалните спортски клубови, на којшто им ги презентираа сите релевантни податоци и начинот на која е распределена годинешната финансиска поддршка за секој од клубовите. Менаџерскиот тим на САСА оствари средба и со градоначалникот на општина Македонска Каменица, со оглед на фактот што и општината одвојува средства од локалниот буџет за развој на спортот и ги поддржува клубовите.
И во оваа прилика, менаџерскиот тим на САСА ја потврди својата постојана определба да ја продолжи поддршката за развојот на сите локални спортови и надежните млади таленти, но истовремено побара од менаџерските тимови на клубовите, кои самостојно управуваат со нив, правилно и пред сѐ одговорно да управуваат со доделените средства, со цел тие да бидат употребени за остварување на вистинските цели за кои се наменети. „Фокусот на поддршката што ја дава Рудник САСА се младинските категории и поголемата застапеност на играчи од локалната заедница во сениорските тимови на клубовите“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Крис Колбурн.