Home – SASA lead & zinc mine

По повод 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина (World Environment Day 2026), Рудник САСА реализира нова едукативна и еколошка иницијатива под мотото „Пријатели на биодиверзитетот – Чувари на природата и климата“ (#3BBuddies; #BeesBugsBirdsGuardians; #SASAForNature; #WorldEnvironmentDay). Иницијативата е насочена кон подигнување на свеста за значењето на биолошката разновидност, зачувувањето на природата и потребата од климатска акција.

Проектот, кој се реализира во партнерство со ЈП „Национални шуми“ и СОУ „Миле Јаневски Џингар“ од Македонска Каменица, има за цел преку практични активности и едукација да ги вклучи младите во заштитата на природните вредности на Осоговските Планини, чии делови се прогласени за заштитено подрачје.

Проектот ќе се реализира во две поврзани фази. Првата активност започнува денеска (20 мај 2026 година) во тренинг центарот „Анабела“ на Рудник САСА, каде ученици од средното училиште, заедно со тимот за заштита на животна средина и претставници за стручно образование од Рудник САСА, изработуваат куќички за птици и засолништа (т.н. „хотели“) за корисни инсекти и диви пчели. Куќичките и засолништата ќе бидат изработени од природни и реупотребливи материјали, со цел поттикнување на одржливи практики и поддршка на локалниот биодиверзитет.

Втората фаза од иницијативата ќе се реализира на Светскиот ден на животната средина – 5 јуни, кога за учениците ќе биде организирана настава во природа во шумско подрачје на Осоговските Планини, во близина на Рудник САСА. На овој час во природа, претставниците од тимот за животна средина на САСА, нивниот професор по биологија и претставниците од ЈП „Национални шуми“, ќе ги запознаат учениците со значењето на Светскиот ден на животната средина, климатските предизвици, потребата од климатска акција и важноста на зачувувањето на биодиверзитетот.

Во рамки на активностите, учениците ќе имаат можност да се запознаат и со природните вредности на Осоговските Планини, специфичните растителни и животински видови, значајните живеалишта и уникатната поврзаност помеѓу човекот и природата во овој предел.

Настанот ќе заврши со поставување на претходно изработените куќички за птици и „хотели“ за инсекти и диви пчели на соодветни локации во шумското подрачје, определени од страна на претставниците на ЈП „Национални шуми“.

Со оваа иницијатива, Рудник САСА продолжува активно да придонесува кон унапредување на еколошката свест, поддршка на локалната заедница и заштита на природните вредности во регионот, поттикнувајќи нови генерации активно да се вклучат во зачувувањето на животната средина и климатската стабилност.

Македонска Каменица, 20 мај 2026

mk_MK